Анализа на ЦГК: Колку чинело гласањето на дијаспората? – DW – 10.06.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анализа на ЦГК: Колку чинело гласањето на дијаспората?

ДТЗ
10 јуни 2024

Тендерите на ДИК за претседателските и парламентарните избори годинава чинеле 767 илјади евра повеќе отколку збирот на тендерите за поединечните избори во 2019 и 2020 година

https://p.dw.com/p/4grse
избори Северна Македонија
Истражувањето покажало дека гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Државната изборна комисија (ДИК), за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори, склучила 22 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 3.473.588 милиони евра, заклучно со 20 мај 2024 година. Тендерите на ДИК за заедничките претседателски и парламентарни избори годинава чинеле 767 илјади евра повеќе отколку збирот на тендерите за изборите кога се спровеле поединечно во 2019 и 2020 година. Ова го покажува најновото истражување за изборите и за јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Дури 41 процент од договорите за јавни набавки поврзани со изборите, ДИК ги склучила во постапка со директно преговарање, без оглас. Во групата фирми кои традиционално ги добиваат тендерите на ДИК се издвојуваат три фирми. Во годините кога има парламентарни избори, вредноста на јавните набавки во земјата достигнува рекордно ниво, се посочува во истражувањето..

Како што стои во соопштението од Центарот за граѓански комуникации, истражувањето покажало дека гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи. 

гласање избори Северна Македонија
Државната изборна комисија (ДИК), за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори,склучила 22 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 3.473.588 милиони евраФотографија: Petr Stojanovski/DW

Склучени 22 договори 

Државната изборна комисија (ДИК), за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори,склучила 22 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 3.473.588 милиони евра. Вредноста на тендерите за спроведување на изборите годинава e поголема за 767 илјади евра од вкупната вредност на тендерите склучени за претседателските избори во 2019 година и за предвремените парламентарни избори во 2020 година. Вредноста на договорите за јавни набавки склучени за спроведување на претседателските избори 2019 година изнесуваа 90.546.430 денари, а на парламентарните 2020 година - 75.868.732 денари што е вкупно 166.415.162 денари, односно 2.705.938 евра, посочуваат од ЦГК.

Вредноста на локалните избори во 2021 година не ја вклучува набавката на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите во вредност од 11.040.325 евра, која не е ексклузивно креирана само за овие избори. Исто така, бројот и вредноста на склучените договори за јавни набавки поврзани со изборите 2024 година можат и да се зголемат во следниот период. Согласно информациите расположливи на Електронскиот систем за јавни набавки, ДИК има иницирано уште неколку постапки за кои сè уште не се објавени известувањата за склучување на договорите. Станува збор за набавките на: „сигурносни нумерирани пластични ленти за запечатување на гласачки кутии и вреќи за транспорт“, „софтверско решение за сумирање и објава на изборни резултати“, „превод на гласачкиот материјал“ и „хотелски услуги потребни за организација и спроведување на изборниот процес“.

ДИК
Тендерите на ДИК за претседателските и парламентарните избори годинава чинеле 767 илјади евра повеќе отколку збирот на тендерите за поединечните избори во 2019 и 2020 годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Колку чинело гласањето на дијаспората? 

Вредносно најголем склучен договор за изборите 2024 година е за „транспорт и сместување на членови на изборните органи (ИО) во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) за избори“, склучен со Друштво за туризам, промет и услуги Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје во вредност од 50 милиони денари (813 илјади евра). Договорот опфаќа транспорт и сместување на по најмногу 8 лица на 31 дестинација во светот.

Поради високата вредност, оваа тендерска постапка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки. Проценетата вредноста на тендерот е за 9 милиони денари повисока од вредноста на склучениот договор, се вели во анализата. 

Договорот за транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва е повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што изнесува 748 илјади евра склучен со Акционерско друштво Печатница Киро Дандаро заштитно друштво Битола. Овој договор е склучен преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас. Третиот по големина договор е исто така склучен во постапка со преговарање без претходно објавување оглас со фирмата Дермалог Идентификејшн Систем ГмбХ за прилагодување на имплементиран Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите.

Директно преговарање

Според анализата, дури 41 % од вредноста на договорите за јавни набавки се склучени во постапките со директно преговарање со понудувачите. Станува збор за 5 договори, но сите со висока вредност. Вкупно преку оваа нетранспарентна постапка се склучени договори во вредност од 87 милиони денари (околу 1,4 милиони евра). Дел од тендерите за спроведување на изборите се објавени уште во текот на декември 2023 година. Во процесот кој траел речиси 6 месеци, биле поништени дури 15 постапки за јавни набавки (11 целосно, а во 4 постапки се поништени делови од тендерот). Сето ова довело до потребата дел од договорите да се склучат преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас, а за дел од постапките сè уште да не се знае епилогот.