Радев и Борисов бараат Скопје да ги почитува договорите – DW – 26.06.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев и Борисов бараат Скопје да ги почитува договорите

ДТЗ
26 јуни 2024

Румен Радев и Бојко Борисов испратија пораки дека ја осудуваат неподготвеноста на новиот премиер Христијан Мицкоски да ги исполни обврските на земјата кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/4hWpn
Бојко Борисов и Румен Радев
Бугарија ќе му ја откаже поддршката на Мицкоски ако не ги почитува меѓународните договориФотографија: BGNES

Бугарија бара од Северна Македонија да ги почитува меѓународните договори.По тензиите со Грција поради неупотребата на уставното име по промената на власта во земјата, бугарските медиуми ги пренесоа изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев и лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кои „во еден глас ја осудуваат неподготвеноста на новиот премиер Христијан Мицкоски да ги исполни обврските на земјата кон ЕУ“.

Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека „политиката на Скопје е насочена против европските принципи“.

„Денес конечно паднаа маските. Новата влада кај нашиот југозападен сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа земја е да го препознае самото постоење на зборовите 'Бугарин' и 'бугарско' во Република Северна Македонија“, коментираше во средата (26.06), Румен Радев. 

Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен Радев порача дека „политиката на Скопје е насочена против европските принципи“.Фотографија: BGNES

Политика насочена против европските принципи 

Ваквата изјава следи откако новиот македонски премиер Христијан Мицкоски најави дека додека е на функцијата нема да попушти пред „бугарскиот диктат“ за уставни измени. 

„Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки на ЕУ, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, кои јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата“, порача Радев во изјава за новинари во Софија. 

Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски најави дека додека е na функцијата нема да попушти пред „бугарскиот диктат“ за уставни измени. Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Тој очекува коректни дејства и од бугарската влада и од европските институции „за одржување на европските принципи и норми во процесот на проширување“. „Тоа значи да гарантира неповратност и одржливост во афирмацијата на принципите на демократијата и главните критериуми во почитувањето на човековите права“, вели Радев.

Доколку ЕУ не се заложи за европска перспектива на Балканот, врз основа на јасни принципи, норми и вредности, тогаш порано или подоцна Балканот ќе ја соочи Европа со балканизација, смета бугарскиот претседател. 

Договорите мора да се почитуваат 

Сличен став изнесе и лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов, кој му порача на Мицкоски дека Северна Македонија повеќе не може да смета на поддршката од најголемата партија во Бугарија.

Бојко Борисов
Како што ја добија нашата поддршка, сега веќе не можат да сметаат на тоа, вели Бојко БорисовФотографија: Nadezhda Peeva/BGNES

Тој коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ, вели дека договорите, особено меѓународните и вклучени  во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат.

„Какви било толкувања не се добри за колегите од Северна Македонија. Без нашата и поддршката на Грција, РСМ нема шанси за ЕУ. Сега треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега веќе не можат да сметаат на тоа“, вели Борисов, кој рече дека ќе иницира средба со Мицкоски доколку формира влада и повторно стане бугарски премиер.

Двонасочна улица

Премиерот Христијан Мицкоски од Скопје изрази подготвеност да седне на маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, доколку повторно стане премиер, но посочува дека изнаоѓањето решение е двонасочна улица и дека „не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување“. „Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата ликува. Овој народ направи многу за европската иднина и очекува Европа да му врати на народ и на државата“, изјави премиерот. 

Тој посочи дека повеќе пати кажал дека „како држава уште од 40-тите години на минатиот век признаваме малцинства, меѓу кои и на бугарското, и дека е факт дека не го оспоруваме правото на нашите сограѓани кои се чуствуваат како такви“, но укажа и на постепената асимилација на македонското малцинство во Бугарија и на пресудите од Европскиот суд за човекови права.