Босна и Херцеговина: Иста политика во друго пакување – DW – 4.10.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна и Херцеговина: Иста политика во друго пакување

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ
4 октомври 2022

Во Претседателството на БиХ првпат по војната ќе има три личности кои потекнуваат од некакво социјалдемократско милје, а една од нив дури е и жена. За жал, тоа нема да донесе никаква промена, коментира Драгослав Дедовиќ.

https://p.dw.com/p/4HiNB
избори БиХ
Јелена Тривиќ славеше во изборната ноќ по изборите во БиХФотографија: Radivoje Pavicic/AP Photo/picture alliance

Некои од политичките актери од таканареченото социјалдемократско и граѓанско милје своите најголеми успеси ги постигнуваат со потиснување на основните постулати на својата идеологија во замена за етноцентричкиот наратив. Престигнување од лево на десна страна веќе стана вообичаено. 

Дури и во случајот со Босна и Херцеговина не треба да очекуваме подобри меѓусебни односи во „социјалдемократското“ државно претседателство. „Левиот национализам“ на овие простори цвета уште од 8. седница и се повторува карикатурално, но и успешно како псевдоалтернатива на клерикалниот национализам. 

Изборите во БиХ  сепак изнедрија неколку појави кои на прв поглед се нелогични. Како тоа човек по име Денис Беќировиќ да го „згази“ наследникот на династијата Изетбеговиќ (100.000 гласови разлика се повеќе од валиден аргумент), додека пак партијата на Изетбеговиќ, Партија на демократска акција, СДА ја „згази“ неговата Социјалдемократска партија, СДП?

Јасно е дека Беќировиќ имаше дополнителна поддршка од повеќе помали партии. Но, сепак невообичаено е партијата чиј кандидат победува во трката за Претседателството истовремено да губи гласови во трката за парламентарното ниво на власт. 

Милорад Додик останува цврсто на политичката сцена во БиХ
Милорад Додик останува цврсто на политичката сцена во БиХФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Интересен е и „случајот Жељко Комшиќ“. За добар дел од Бошњаците и за помал дел од Хрватите, Жељко Комшиќ е убедливо најдобриот Хрват за Претседателството, со неколку десетина илјади гласа повеќе од второпласираната Борјана Кришто. А Демократскиот Фронт, ДФ, кој својата листа ја именуваше по Комшиќ, има петнаесетина илјади гласа помалку од блокот хрватски партии кои ги предводи Хрватската демократска заедница, ХДЗ.

Оттука се наметнува заклучокот дека истите граѓани гласале различно при избор на кандидати за државното претседателство и за парламентарната власт. Зошто?  

Денис и Жељко против Милорад 

Ми се чини дека причината за тоа не треба да се бара во наводно левичарската идеологија на Денис Беќировиќ или во проповедањето „граѓанска држава“ на Жељко Комшиќ. Бидејќи и двајцата изникнаа од социјалдемократското милје, може да се каже дека имаат три заеднички точки кои очигледно им се допаднале на поголемиот дел од Бошњаците, и на понекој Хрват, Србин и на останатите. 

Тоа се пред се луѓе кои ја гледаат Босна и Херцеговина како секуларна држава. Втора заедничка особина на избраните членови на Претседателството е патриотското воздигање, која во поинаку уредените земји е привилегија на националната десница. Остриот јазик на Беќировиќ и Комшиќ им донесе добар број од традиционалните гласови од Бошњаците, кои беа подготвени да ја надминат секуларноста на тие кандидати во име на акумулираната љубов кон татковината. 

Жељко Комшиќ БиХ избори
Жељко Комшиќ - омилен Хрват меѓу БошњацитеФотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

Не се рамноправни ни граѓаните ни народите 

Босна и Херцеговина секако не е земја на рамноправни граѓани, што Дерво Сејдиќ, Јакоб Финци и стотина илјади припадници на малцинствата одамна го добија и написмено од Европскиот суд за човекови права.

Но, според оваа политичка пракса, таа не е ниту земја на рамноправни народи, меѓу останатото и поради тоа што во однос на важното прашање за претставување на тие народи во државното Претседателство во пракса малобројниот народ може да биде надгласан со легален механизам. А една од суштинските одлики на демократијата е токму заштита на малцинскиот интерес од наметнување на мнозинската волја. И тука не помагаат никакви пресметливи толкувања со кои би се релативизирала системската грешка. 

Додуша врховниот протектор  Кристијан Шмит  на изборниот ден наметна промена на Уставот и изборниот закон на Федерацијата БиХ, обидувајќи се со новата формула да избегне блокада на формирање на владата по изборите, но и игнорирајќи ги интересите на една од трите заедници. Дали наметнатите промени се целисходни ќе покаже комбинаториката по изборите.

Сепак посегање по „стапот од Бон“ секако е поразително како дијагноза на  ситуацијата во БиХ.  Да се избере изборниот ден за да се наметнат промени е можеби итро, бидејќи политичката каста се занимаваше со тресење над фотелјите, па не можеше сериозно да се занимава со Шмит. Но е и крајно цинично кон граѓаните кои мислеа дека гласале според еден Устав, а всушност гласале по друг.

Денис Беќировиќ  БиХ избори
Денис Беќировиќ го победи ИзетбеговиќФотографија: Ahmed Besic/AA/picture alliance

Награда за свртување кон десно

На крајот гласачите на Милорад Додик го наградија за сите „пакости“ од изминатите години - од најавите за сецесионистички референдуми, непризнавањето на Шмит, па сѐ до предизборната посета на Москва. Тој и Жељка Цвијановиќ направија мала рокада - кралот оди во бањалучката Палата на републиката, а топот оди во првите борбени редови, во Претседателството. Слична замена на најблиски партиски соработници на највисоките функции веќе е видена во случајот со Путин и Медведев.

Таков луксуз Додик може да си дозволи себеси и на своите соборци врз основа на резултатите на партија СНСД. Изгледа дека парламентарното мнозинство на ниво на ентитети со сателитските коалициски партии, претседателското место во Република Српска и во државното Претседателство зборуваат за едно нешто, имено дека Милорад Додик и неговата партија ќе останат силен фактор во БиХ. 

Драгослав Дедовиќ, автор на коментарот
Драгослав Дедовиќ, автор на коментарот

Дали е тоа добра или лоша вест за БиХ? Да речеме дека е очекувана. Очигледно опозицијата во Република Српска не може да го претекне Милорад Додик ни од лева, ни од десна страна. Јелена Тривиќ, кандидатката на Партијата за демократски прогрес која на изборната ноќ побрза да прогласи победа, веднаш рече: „Ќе ја следиме националната политика  која се креира во Белград…”.  Тоа звучеше како „и после Додик - Додик”, само изразено со помек речник и помалку помпа. 

Ако грубата националистичка реторика, но и суштинската политика по изборите како и досега се вртат во затворен круг - јас ти се заканувам со отцепување, а ти мене со укинување на РС - овие избори ќе донесат само повеќе од истото, односно партократија, етничка сегрегација, депопулација. Додик веќе покажа како тоа најверојатно ќе изгледа, кога изборот на Беќировиќ за бошњачки претставник во Претседателството го коментираше на следниов начин: „Полесно ќе ја одвоиме Република Српска”.

Ако покрај тоа уште и ХДЗ заземе навреден бојкотирачки став, тогаш сите очи ќе се вперат во единствениот револуционерен реформатор во земјата кој е закитен со вистинските симболи на моќта: Високиот претставник. Од неодамна знаеме дека тој знае да се налути како вистински патријарх, но барем оние кои ја паметат Титовата ера, знаат дека реформи наметнати од горе имаат проблем со одржливоста. 

Младите и изборите во Босна и Херцеговина