Барак Обама со поддршка на Камала Харис: „Да, таа може!“ – DW – 21.08.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Барак Обама со поддршка на Камала Харис: „Да, таа може!“

ЖА
21 август 2024

Поранешниот американски претседател Обама ја поддржа Камала Харис во говор проследен со одушевување на Конвенцијата на Демократската партија: САД се подготвени за Харис како претседателка.

https://p.dw.com/p/4jiPH
Поранешниот американски претседател Барак Обама на Конвенцијата на Демократската партија во САД
Поранешниот американски претседател Барак Обама на Конвенцијата на Демократската партија во САД Фотографија: Brynn Anderson/AP Photo/picture alliance

Поранешниот американски претседател Барак Обама ја повика Демократската партија да се сплоти зад нејзината претседателска кандидатка Камала Харис. Таа е „подготвена за работата“, рече тој на конвенцијата на Демократската партија во Чикаго, а потоа дури и го извика својот поранешен повик „Да, таа може!“, алудирајќи на неговиот претходен, светски познат слоган на кампањата „Да, ние можеме!“. „Имаме шанса да избереме некој што го поминал целиот свој живот да им даде на луѓето исти шанси како што Америка ѝ даде нејзе. Некој што ве гледа и слуша. Таа ќе се залага за секој Американец“, рече Обама.

„Нема да биде лесно"

Трката ќе биде тесна, предупреди истовремено Обама во поглед на изборната кампања против републиканскиот  претседателски кандидат Доналд Трамп:  „Нема да биде лесно". Но, ако партијата работи како никогаш досега во преостанатите единаесет недели до изборите, тогаш Харис би можела да стане следната претседателка на САД. Обама упати пофалби за сегашниот  претседател Џо Бајден  како чувар на демократијата. Бајден ќе влезе во историјата како шеф на држава кој ја бранеше демократијата во момент на голема опасност, истакна Обама.

„Америка, надежта се враќа“

Додека толпата извикуваше „Ти благодариме Џо“, Обама истакна: „Горд сум што го нарекувам мој претседател, но уште погорд сум што го нарекувам мој пријател“. Бајден беше потпретседател осум години под Обама. Обама истакна дека сега чувствува надеж.

Мишел Обама
Мишел Обама: Америка, надежта се враќа!Фотографија: Erin Hooley/AP Photo/picture alliance

Неколку минути претходно, неговата сопруга Мишел, поранешната прва дама, пред насобраните луѓе изјави дека има „нешто прекрасно магично во воздухот“. „Америка, надежта се враќа“, рече таа, мислејќи на кандидатурата на Харис на претседателските избори во ноември. Мишел Обама ја пофали Харис како „една од најквалификуваните луѓе што некогаш се кандидирале за претседателската функција".

Официјално потврдена кандидатурата на Харис

Американските Демократи претходно во големо шоу ја потврдија Камала Харис како свој претседателски кандидат за ноемвриските избори. Делегациите од сите американски сојузни држави и странските територии на САД повторно го дадоа својот глас за 59-годишната Харис во чисто церемонијално гласање - придружено со музика, светлосни ефекти, кратки говори и многу овации во салата. Повеќе од 4500 делегати уште пред партиската конференција веќе официјално  ја номинираа Харис преку онлајн гласање.  Партијата ја помести процедурата на изборот на кандидати и го спроведе дигитално - поради роковите за печатење на гласачките ливчиња во една сојузна држава. Затоа, процедурата во Чикаго имаше чисто симболична природа. Самата Харис не беше присутна на церемонијата за номинација во Чикаго, но преку видео беше поврзана од Милвоки, во државата Висконсин, на час и половина оддалеченост со автомобил, каде беше во рамките на изборната кампања.

Поранешната портпаролка на Трамп ја поддржува Харис

Меѓу говорниците на партиската конференција на Демократите беше и поранешната портпаролка на бившиот претседател Доналд Трамп. По годините кои таа ги помина под власта на Трамп, сега стои како  застапник на Харис  на конвенцијата, изјави Стефани Гришам на собирот: „Харис го почитува американскиот народ и таа го има мојот глас“. Гришам призна дека порано била страстен поддржувач на Трамп, но „јас го видов неговото вистинско лице кога се исклучуваа камерите“. „Зад затворени врати Трамп ги исмева своите поддржувачи." Тој нема емпатија, нема морал и нема лојалност кон вистината. Трамп постојано ѝ велел: „Не е важно што зборуваш, Стефани, кажувај го тоа доволно често и луѓето ќе ти поверуваат“.

Предвидено е Харис да го одржи својот голем говор на  партиската конференција  вечерта кон петок по европско време. Настапот на 59-годишната кандидатка е големото финале на четиридневниот собир, кој првенствено е наменет да ги слави Харис и нејзиниот  потпретседателски кандидат Тим ​​Волц  и да му даде импулс на дуото за остатокот од изборната кампања.