10 принципи за 33 години непринципиелност – DW – 13.09.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

10 принципи за 33 години непринципиелност

13 септември 2024

Христијан Мицкоски си зададе, пред да може се уште да се каже дека ни задал, сериозна задача. Редно е реализацијата да почне од тие што владејат и што ги држат конците во рака. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4kZ5z
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски (во преден план) со дел од членовите на Владата
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски (во преден план) со дел од членовите на ВладатаФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Се наближува крајот на првите сто дена од Владата на Христијан Мицкоски и сите попратни институционално-кадровски трансформации се направени, новите политички насоки се ставени во погон и се донекаде видливи, дотаму што премиерот по повод Денот на независноста на македонската држава, ја истакна и својата идеолошка платформа од 10 принципи за промена на македонското општество и политика. 

Велам идеолошка, иако станува збор за практични проблеми и предлози, првично заради патриотскиот набој кој го содржат, а потоа и од причина што нивната декларативна или реторичка примена, делува тешка за имплементирање во политичката пракса и општественото секојдневие. Или поточно кажано, после првото тромесечје од освојување на власта, реалниот предизвик за Владата ќе биде да се соочи со задачата вистински да владее, наместо да декларира намери и принципи, да информира за предизвиците и проблемите кои граѓаните предобро ги познаваат или да нуди политичко единство кое е тешко остварливо со актуелната опозиција. 

Што пак значи, дека ако ја елиминираме од владиниот дискурс политичката фолклористика околу разочараноста кај секој човек што е напластена од сите претходни порази и неуспеси, и неостварливите и донекаде неискрени обиди за соработка со опозицијата, ќе стане евидентно дека принципите на Мицкоски се првично апел до самата коалиција и до владејачката партија

Односно, евентуалниот граѓански оптимизам може да биде последица само на добрите политики на власта и пред сѐ на почитувањето и реализирањето на овие 10 принципи, нешто што автоматски би ја депларасирала и опозициската деструктивност или несоработка. 

Проповед како идеолошка декларација 

Но, да ги видиме накратко наведените принципи. Прво, да воспоставиме правда и правна држава. Второ, да се прекине партизацијата на општеството, да не ги делиме луѓето од една или друга партија, туку на способни и помалку способни. Трето, да се оградиме и од етничките конфликти и да ги изолираме елементите што создаваат меѓуетничко неединство. Четврто, да го заштитиме и подобриме стандардот на граѓаните. Петто, да создадеме праведно општество. Шесто, образованието да биде билетот за успех и сите сили да ги вложиме во тоа. Седмо, да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратегиска цел, а тоа е членството во Европската Унија. Осмиот принцип е единството. Деветто, мора да се бориме против иселувањето. Десетто, мора да извојуваме и веруваме во идеолошките битки.

Со намера да се избегне непотребата повторливост, ќе ги поканам читателите да ја прочитаат колумната на Соња Крамарска од Дојче Веле: Десетте заповеди на Мицкоски. Тука одлично е сублимирана искреноста и доследноста во имплементацијата на принципите.

Јас пак би тргнал од последниот принцип, дека остварувањето или доследното применување на првите два принципи, за правната држава и за прекинот на партизацијата, е главната и основна идеолошка битка која оваа власт мора да ја извојува, доколку сака разочарувањето да исчезне, Македонија да просперира, а власта во овој состав, да продолжи да владее. Без овие два принципи, сите останати паѓаат во вода. 

Но, каде настанува проблемот? Па како што можат да не подучат и овие први 100 дена од Владата на Мицкоски, во фактот дека самата Влада не го почитуваа тоа што го проповеда премиерот. Односно, проповедта засега останува само идеолошка декларација? 

Но, добро, сакам да верувам дека вербата во 10-от принцип може да се преточи во вистинска политичка волја, особено поради фактот што доаѓа од устата на премиерот, односно, од најодговорниот за актуелниот и идниот напредок на земјата. 

Скандали од „Б“ категорија 

Тоа што ме загрижува, се разбира во смисла на реализација на принципите, е диспропорцијата помеѓу амбициите на премиерот и секојдневната реалност на настаните детерминирани од неговите министри, функционери или коалициски партнери во Владата. Вистинскиот проблем го гледам во јазот кој означува една непремостлива дистанца помеѓу политичката енергија на лидерот и скромните капацитети на жените и мажите, пред се последниве, од кои е опкружен, каде видливо е дека се уште доминира партиската провиниенција и идеолошката верност, наспроти вистинската лична компетентност и автономија, се разбира со чесни исклучоци. 

Скандалите кои можевме да ги видиме во изминативе три месеци, беа речиси сите од „Б“ и „Ц“ категорија, пропорционални на самите протагонисти, но кои сведочат за проблемот во селекцијата на раководните кадри, што кај самата десница, што кај „наметнатите“ коалициски партнери. Нешто што отвара уште еден јаз помеѓу позицијата и предиспозициите на актерите и го разголува недостатокот од искуство во јавната служба и речиси комплетната отсутност од институционалноста, што пак се сведува на евидентен недостаток од државничка култура, односно, почитување на демократијата, институциите, плурализмот и транспарентноста.

Затоа и самите следбеници на премиерот треба добро да ја разберат мисијата со која се нафатиле, а која како месијанска формула предвидува вистински чин на верба, „инвеститура“ чии цели, задачи и обврски дури и го надминуваат политичкото, затоа што без лажни скромности, но засега само декларативно, целат кон освојување на душата на нацијата или барем сакаат длабоко да инвестираат во нејзината преобразба и препородба. 

Од тие причини принципите на Мицкоски се идеолошки, а задачата која си ја задава е метафизичка или барем - метаполитичка. Премиерот и донекаде претседателката, бараат од своите луѓе, но и од граѓаните и од целата нацијата, „да владејат со историјата“ (донекаде и буквално ако се земат потресите во историската комисија со Бугарија), и верувам дека настрана сите принципи и платформи, тоа е и најголемата преокупација и цел на нашиот премиер. 

Оттука, премиерот како да порачува, дека со изборната победа ништо не е постигнато, туку дека треба да се испише нова историја за државата и да се корегираат досегашните општи места за криминалот, нефункционалноста на државата или насобраните неправди, сите сублимирани под владиниот слоган „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ 

„Нема невина власт" 

Мицкоски јасно цели да произведува историја додека ја менува историјата. Убава задача и амбиција е тоа, но таа мора да помине низ филтерот на создавање навистина правна и непартизирана држава, преку почитување на сите процедури и се додека јавниот наратив за националниот идентитет ги почитува принципите и духот на Уставот и законите. Се разбира и тие се менлива категорија, но голема е одговорноста на каков пат ќе одбере тој којшто се стреми да воспостави културна и национална хегемонија. 

Затоа што тешко е со 10 принципи, искажани во 100 дена, да се променат 33 години непринципиелности. 

Ако се погреши уште еднаш, ако уште еднаш тргнеме да го менуваме „системот“, притоа не градејќи нов институционален, вредносен и уставен механизам, повторно само ќе создадеме една двоглава креатура, каде партиското и културното, а да не зборувам за етничкото, ќе влезат во конфликт со државното и националното. Сѐ ќе се сведе на обичен популизам, на нови поделби и заостанувања и на нов неуспех за целата држава. 

Мицкоски си зададе, пред да може се уште да се каже дека ни задал, сериозна задача. Редно е реализацијата да почне од тие што владејат и што ги држат конците во рака. Бидејќи и онака, немаат што да изгубат, или како што ќе каже авторот на обвинението против Луј 16-ти, Сен-Жист: „Нема невина власт“. 

Со самото тоа што владееш - правиш злодела.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.