Втора шанса за Ципрас – DW – 22.09.2015
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втора шанса за Ципрас

Зоран Јордановски/фац/зц/бц/тац22 септември 2015

На Хелените им недостасува веродостојна алтернатива. Ципрас постави мерила. Грчката реалност содржи и натаму потенцијал на голема трагедија - коментари во германските весници за изборите во Грција.

https://p.dw.com/p/1GaSk
Фотографија: Reuters/M. Karagiannis

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) смета дека успехот на неделните избори е дури и поголем отколку победата на Ципрас во јануари: „Тогаш Ципрас како јунак на опозицијата дојде на власт со големи ветувања. Во меѓувреме секој Грк, кој гласаше за него, мораше точно да знае: тој човек не може да го одржи она што ни го ветува со години. Тоа што сепак повеќе од една третина од избирачите гласаа за Сириза, ја документира антипатијата на многумина Грци кон старите партии.“

„Зиддојче Цајтунг“ од Минхен оценува дека избирачите „со големо незадоволство му дадоа налог на Ципрас веќе да не се осмелува на никакви експерименти, за нивната земја да може да остане во еврозоната. По секоја цена. А на конзервативната Нова демократија избирачите и’ соопштија: Вие имавте шанса и не ја искористивте. Конечно, партијата досега не покажа дека има волја да го остави зад себе минатото како агенција за клиентела“. Весникот гледа и други пораки во изборниот резултат: „Партиите кои препорачуваа враќање на драхмата не освоија ни 20 проценти од гласовите. Преостанатите 80 проценти ги обединува стравот од такво сценарио“. Во слабата излезност на избирачите весникот гледа „сигнал за аларм и за сите европски сузбивачи на кризата. Во Грција мора не само повторно да се гради држава, туку и доверба во демократијата“.

„Ди Велт“, кој излегува во Берлин, коментира: „Ципрас им покажа на сите критичари, кои веќе го отпишаа. Шефот на Сириза е реизбран изненадувачки убедливо - и тоа иако направи се’, што еден политичар всушност не смее да прави, ако сака да ја задржи функцијата. Грчкиот премиер на своите избирачи во јануари речиси им вети рај на земјата и од нивен агол во речиси сите централни области го постигна токму спротивното. Вчудовидувачки е дека Ципрас сега добива втора шанса, иако на својот народ му донесе пакет за помош број три“.

За „Берлинер Цајтунг“ Алексис Ципрас не е брзо минлива појава во европската политика. „Со својот исто толку ревносен, колку и ризичен начин на обезбедување нова и силна легитимација за себе и својата политика, тој постави мерила. Алексис Ципрас многу се осмели и како за почеток, победи. Тој смее да се пофали дека влезе во европската историја како политички играч“. Весникот укажува и дека развојот на настаните како да ги замаглува грчките проблеми: „Со оглед на непрекинатото доаѓање на бегалци, перцепцијата на грчката криза речиси целосно се сведува на неколку буџетски проблеми. Притоа, грчката реалност содржи и натаму потенцијал на голема трагедија“.

„тац. ди тагесцатунг“, исто така весник од Берлин, констатира: „Веќе никој не се сомнева дека Алексис Ципрас е надарен изборен борец. Сега левичарскиот политичар мора и да владее. Таква намера тој имаше уште во јануари, но наводно злонамерните кредитори од странство и радикалните ситничари во сопствената партија му го отежнуваа животот. Сега шефот на Сириза се ослободи од наводните радикални марксисти (за што во иднина ќе добие покачен притисок од улицата), а со кредиторите има склучен договор за штедење. Болните обврски од него Ципрас ќе може да ги спроведе без да претрпи штети само ако социјално ги ублажи и ако товарот на кризата праведно го подели: ако богатите и Црквата го дадат нивниот дел за сузбивање на кризата, ако политичарите веќе не ги ставаат своите деца и внуци на политички функции“.

„Мителдојче Цајтунг“ од Хале вака гледа на исходот на изборите: „На Хелените едноставно им недостасува веродостојна алтернатива. Традиционалните партии Нова демократија и Пасок, по 40 години континуирано владеење, земјата ја доведоа до должничка криза и до раб на пропаста. А Ципрас сега мора да се придржува кон договор во кој ни самиот не верува. Тоа би требало да биде најголемиот предизвик на новиот мандатен период“.

„Рајн-Цајтунг“ од Кобленц е скептичен: „Алексис Ципрас веќе ја изигра својата втора шанса. Наместо да изгради широка, стабилна коалиција, шефот на Сириза повторно се реши за спорните десни популисти од партијата Независни Грци“.

Сличен е ставот и на „Ројтлингер Генерал-Анцајгер“ од Ројтлинген: „Покрај сузбивањето на економската криза, за новата влада сега на дневен ред е и бегалската проблематика. Значи, две мамутски задачи, на кои брзо може да се распадне кабинет со екстремно спротивни владини партии“.