Русија без право на глас во Стразбур – DW – 28.01.2015
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија без право на глас во Стразбур

Роман Гончаренко/бг28 јануари 2015

Уште од пролетта минатата година поради анексијата на Крим, Русија нема право на глас во сите тела на Советот на Европа. Руската делегација се заканува дека ќе го напушти членството, доколку не и се врати правото

https://p.dw.com/p/1ES2c
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот на руската Дума, Сергеј Наришкин во Стразбур дојде со јасна порака: доколку исходот од денешното гласање биде разочарувачки, Русија ќе го замрзне своето учество во работата на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Русија инсистира да и биде вратено правото на глас, кое и беше одземено во април 2014 година. Поводот тогаш беше анексијата на Крим. Руската делегација од тогаш нема право на глас, не може да биде застапена во раководните тела и да учествува во набљудувачките мисии. Парламентарното собрание нема голема моќ, но важи за значаен форум во кој претставници на европските парламенти разменуваат мислења.

Враќање на правото на глас

Аксел Фишер, пратеник на германските демо-христијани (ЦДУ) ја предводи германската делегација во Стразбур. Тој смета дека актуелната состојба со Русија треба да се задржи до следната седница на парламентот во април. Тој вели дека Русија не покажала подготвеност да излезе во пресрет кога е во прашање Крим, а се влошува и состојбата во источна Украина. Слично размислува и Герхард Мангот, експерт за источна Европа од Универзитетот во Инсбрук. „Русија во последните месеци не стори ништо позитивно за да му се стави крај на судирот во Украина“. Во еден од одборите на Парламентарното собрание во вторникот се водеше жестока дебата за правото на глас на Русија. Со 22 гласа 'За' и 20 'Против', Одборот изгласа на Русија да и се врати правото. Но, конечната одлука денеска (28.01) ќе ја донесе парламентот.
Русија е членка на Советот на Европа од 1996 година. Во минатото, поточно во 2000. година, еднаш веќе и беше суспендирано членството поради војната во Чеченија.
Герхард Мангот не е оптимист дека овојпат тоа ќе се случи. Причина е и ракетниот напад врз Мариупол во кој настрадаа 30 цивили. Украина за нападот ги обвини проруските бунтовници. Киев го замоли Парламентарното собрание да ја продолжи руската суспензија. „Поаѓам од тоа дека овие мерки ќе останат во сила, но дека нема да се воведуваат построги мерки“, вели Мангот.

Russland Sergej Naryschkin Parlamentspräsident
Сергеј НаришкинФотографија: Getty Images

Претседателот на рускиот парламент повеќе пати нагласи дека неговата земја ја цени работата на Советот на Европа, но и дека не ја исклучува можноста Русија да ја напушти оваа институција. Во интервју за рускиот весник „Комерсант“, Наришкин вели дека, доколку нема напредок, ќе се постави прашањето за членството.