Пакет кој носи насмевка на лицата на старите – DW – 24.08.2019
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакет кој носи насмевка на лицата на старите

Марко Милер
24 август 2019

Многу стари лица во Германија се погодени од сиромаштија и осаменост. Една група млади лица им помага на сениорите со проектот „Обсткепхен“. За таквиот ангажман би можеле дури да бидат одликувани од канцеларката.

https://p.dw.com/p/3JmbU
Initiative Obstkäppchen aus Hennef
Фотографија: Initiative Obstkäppchen

„За некои сениори тоа е 'хајлајт' на месецот", вели Карина Радац. Таа е коосновач и претседател на здружението „Обсткепхен" (овошен пакет). Здружението кое денес брои веќе 70 членови сака да им помага на стари лица кои немаат многу парични средства и кои честопати се и многу осамени. Еднаш во месецот, и тоа секогаш секоја последна сабота, доброволците ѕвонат на вратите на сениори во градот Хенеф во покраината Северна Рајна Вестфалија и им предаваат кафени хартиени ќеси полни со овошје и зеленчук во вредност од пет евра. Целта е да се поддржуваат старите лица кои едвај врзуваат крај со крај, во напорите да се хранат здраво.

Повеќе:

Многу работа, мала пензија: Германија дискутира за воведување минимална пензија

Митови и факти за германските пензии

Сиромаштијата на пензионираните гастарбајтери во Германија

Сиромаштија на старост – не е мал проблем

Речиси секој петти пензионер во Германија важи како критичен случај за сиромаштија. Кристоф Бутервеге, кој ја истражува сиромаштијата и кој до 2016 беше професор по политикологија на Универзитетот во Келн и потоа и кандидат на Левицата за претседател на државата, ги набројува критериумите: „Како загрозен од сиромаштија, според критериумите на ЕУ, се смета оној кој има на располагање помалку од 60 проценти од просечните примања во земјата, а тоа кај нас значи лице кое живее само со 999 евра месечно". Тоа е официјалната дефиниција. „По мое мислење, оној кој има помалку од 999 евра не е загрозен од сиромаштија, туку е вистински сиромашен", вели Бутервеге.

Во Германија има повеќе од 17 милиони пензионери. Ако секој петти е сиромашен или важи за критично загрозен од сиромаштија, тоа се повеќе од три милиони лица кои потенцијално може да бидат примачи на помошта од „Обсткепхен". Здружението во моментов е активно само во Хенеф и снабдува 86 сениори, кои биле прашани од социјалните служби и се согласиле. Тоа е сѐ уште мал опсег.

Initiative Obstkäppchen aus Hennef
Фотографија: Initiative Obstkäppchen

Против осаменост

Покрај снабдувањето со здрава храна, здружението има и друга цел - имено, на сениорите барем за момент да им помогне да не се чувствуваат осамени. Многу од нив живеат сами и често им недостигаат пари за да може да учествуваат во социјалниот живот. „Парите не стигаат ни за да одат со автобус до соседниот град во посета на роднина”, вели Карина Радац, која ја опишува ситуацијата во која се наоѓаат многу стари лица. Некои сениори се радувале на храната и не сакале да разговараат, но според Радац, 70 проценти од оние кои ги посетуваат доброволците на здружението повеќе се радуваат на муабетот отколку на самата кеса.

Често се случувало старата госпоѓа или стариот господин да ја стават кесата во кујна и потоа оној што им ги донел да го поканат на кафе. „Потоа се многу среќни. И мислам дека тоа е нешто многу убаво, бидејќи со малку вложено време можеш многу да постигнеш”, вели коосновачот на здружението. За да се воспостави доверба тие се трудат сениорите секогаш да бидат опслужувани од истите доброволци.

Бутервеге ги потврдува негативните влијанија кои сиромаштијата ги има врз социјалниот живот: „Сиромаштијата е многу повеќе од тоа да се немаат пари во џеб. Сиромаштијата е и да бидеш социјално исклучен и да немаш многу контакти.” Затоа се радува за ваквите иницијативи. Но, тој вели и дека „граѓанскиот ангажман треба да се поздрави, но мора да биде само надополнување на државните мерки, а не нивна замена”. Тој гледа опасност дека државата такви иницијативи може да ги злоупотреби за да го намали сопствениот социјален ангажман.

Initiative Obstkäppchen aus Hennef
Да се предаде кесата со здрава храна, но и да се поразговара со старите - тоа е задача на активистите од „Обсткепхен“Фотографија: Initiative Obstkäppchen

Идејата за „Обсткепхен“

„Идејата се роди додека бев во центарот на Келн и набљудував една постара дама, како собира празни шишиња од ѓубре кои потоа може да ги продаде“, вели Карина Радац. „Во тој момент многу се вознемирив од глетката и тоа ме натера да почнам да размислувам што може да се направи за да им се помогне на овие луѓе. Така се роди идејата."

Тоа беше пред три години. Здружението „Обсткепхен“ беше основано на крајот од 2017 година. Во изминатата година здружението доби една од 100 стипендии кои ги доделува „Стартсоушл“, за промоција на доброволен социјален ангажман. Повеќе од една година имаше тренинг за сите овие иницијативи. Најдобрите 25 имаат шанса за парична награда и признание од канцеларката Ангела Меркел. „Обсткепхен“ успеа да влезе меѓу 25-те најдобри и ќе присуствува на доделувањето на наградите кои ќе ги врачи Меркел. Седумте најдобри ќе добијат награда во висина од 5000 евра.

Initiative Obstkäppchen aus Hennef
Карина Радац (л.), основачка на здружението, има планови за ширење на активноститеФотографија: Obstkäppchen

Иднината

Без разлика на исходот, како што вели Радац, „морам да кажам дека ние како тим сме многу горди што воопшто се пласиравме меѓу 25-те најдобри“. Независно од доделувањето на наградата, имаат и други планови. Во моментов тие се активни само во Хенеф. Но, годинава треба да се активираат и во поголемите градови во келнско-бонската област. Членовите на здружението се надеваат дека во одреден момент ќе можат да им помагаат на старите луѓе низ цела земја. Но долг е патот до целта за „Обсткепхен“.

А да, и оној кој се прашува зошто здружението се вика "Обсткепхен“, одговорот гласи: „Долго време размислувавме како да го крстиме проектот," вели Карина Радац, „и по неколку пивца ни текна на Црвенкапа која ѝ носи храна на баба ѝ и ја проголтува волкот. И така ни текна: тоа е симболична врска со сиромаштијата на старост, која ги голта сениорите."