Ние сме објекти на социјалните мрежи – DW – 20.06.2015
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ние сме објекти на социјалните мрежи

Матијас фон Хајн/ Ж.А.20 јуни 2015

Во Брисел се дискутираат нови смерници во заштитата на податоците во ЕУ. Во Берлин се одржа годишна конференција на оваа тема. За тоа Дојче веле разговара со Фредерик Рихтер од фондацијата Заштита на податоците.

https://p.dw.com/p/1FhUU
Symbolbild NSA Spähaffäre
Фотографија: Reuters

Дојче веле: Во теоријата податоците се нарекуваат „сировина на 21 век“, но во пракса корисниците на интернет и на „паметните телефони“ се чини ретко се подготвени да преземат мерки за заштита на своите податоци. Дали во тој поглед Вашата борба е безнадежна?

Фредерик Рихтер: Таа секако би била безизгледна ако се обидуваме со децении старите правила да ги регулираме новите предизвици настанати со разантниот развој на технологијата. Но, не е безизгледно поттикнувањето кај луѓето на поинаков основен став: само малку подобро да размислат пред да се откажат од некое делче од приватната сфера. Зашто, во многу области индивидуата и натаму има можност за заштита на својата приватност.

Постои „изрека“ - ако нешто на интернет е бесплатно, тогаш ти, како корисник, си всушност производот. Има ли алтернатива за мрежите како Твитер и Фејсбук, кои би се плаќале, но за возврат не би собирале лични податоци?

Колку што знам, не постојат масовни социјални мрежи кои се плаќаат. Дури и мрежите кои паднаа поради монополот на Фејсбук, беа финансирани од огласи. Единствено степенот во кој собираа и вреднуваа лични податоци беше поинаков и секако, тука, да речеме германските варијанти на социјалните мрежи беа посензибилни од Фејсбук. Проблемот со „културата на бесплатното“ на интернет веќе ни е познат од сферата на музиката и филмовите. Тоа постои и кај личните податоци и тоа во многу поголема мерка, само прикриено. Секогаш се вели: овој сервис е бесплатен. Но, никој не нуди бесплатни електронски услуги. Корисникот, всушност, не е корисник на социјалната мержа! Тоа се огласувачите, на кои мрежата им ветува дека на секој корисник ќе му испорача прилагодена реклама. Би било најдобро корисникот да биде наречен објект. Што, се разбира, воопшто не се вклопува во концептот на информатичка еманципација, зашто таму се говори за субјекти кои се прашуваат за се‘ и одредуваат што ќе се случи со нивните податоци.

Какви се воопшто шансите да живееме на начин при кој ќе оставаме што помалку податоци зад себе? И која е цената: да бидеме осамени или да ја загубиме дигиталната комоција?

Зависи од тоа колку далеку сакате да одите. Може да се оди до дигитален аскетизам, до себеисклучување од општествената комуникација. Зашто, секоја комуникација остава траги. Меѓутоа, во потрошувачко општество каде владее менталитет на скржавост многумина се подготвени во замена и за најмал попуст да се одрекнат од голем дел од приватната сфера. Секој во некој момент станува трговец со сопствените податоци. На тоа во суштина не може ништо да се приговори. Само, секој би требало да знае што всушност прави.

Кои се најважните мерки со кои можеме да се заштитиме од душкањето на хакерите низ нашите податоци?

Тука е потребно да се прави разлика меѓу она што го работат тајните служби и некои видови душкање кое го вршат приватни лица. Ова второво подразбира одреден степен согласност. Значи, ако ако не дадам можност, тогаш приватници тешко можат да стигнат до моите податоци, додека тајните служби тоа секако го можат и тука како поединец тешко можам да се одбранам. Доколку стравувате оти вашата комуникација е во опасност, тогаш е најдобро користење кодирани пораки. Тие не можат да се премостат со вообичаени средства. Ако ИТ-системите кои ги користите се сигурни во доволен степен, тогаш на хакерите им отежнувате доаѓање до нив, што е веќе една форма на заштита на податоци.

Правникот Фредерик Рихтер е директор на фондацијата Заштита на податоци во Лајпциг. Таа фондација во 2013 година ја основаше Сојузна Република Германија, а целта и‘ е јакнење на свеста на граѓаните за заштита на податоците.