„Супер Марио“ ќе ја води владата на Италија – DW – 13.02.2021
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Супер Марио“ ќе ја води владата на Италија

Улрике Кваст
13 февруари 2021

Поранешниот шеф на ЕЦП, Марио Драги, официјално соопшти дека ја прифаќа премиерската функција во Италија. Во неговиот кабинет има познати имиња, но и новајлии.

https://p.dw.com/p/3pJAI
Italien I Mario Draghi bildet neue Regierung
Фотографија: Alessandro Di Meo/LaPresse/ZUMA/dpa/picture alliance

Марио Драги сака да ја изведе Италија од корона-кризата со влада поставена на широка основа. Поранешниот шеф на Европската централна банка, по десетдневни консултации со партиите, вчеравечер го прифати мандатот од претседателот Серџо Матарела за составување влада. Потоа на прес-конференција ги прочита имињата на луѓето кои ги планира за министри. Околу програмата на неговата влада не рече ништо.

Во новиот владин тим би требало да има и познати лица, но и новајлии, како политичари, така и експерти. Министер за надворешни работи би требало да остане Луиџи ди Мајо од Движењето 5 ѕвезди. Не се менува ниту министерот за здравство Роберто Сперанца. Министерството за економија и финансии ќе биде управувано од генералниот директор на италијанската Централна банка, Даниеле Франко.

Од редовите на експертите, тука е и Марта Картабиа, која би требало да биде министерка за правда. Картабиа до септември 2020 година беше претседателка на Уставниот суд на Италија. Експерт ќе го води и Министерството за еколошка реконструкција - тоа е физичарот Роберто Чинголани. Инаугурацијата на владата треба да се случи денеска, а во наредните денови следуваат гласања за доверба во парламентот.

Повеќе:

Италија: перфидни интриги на Ренци

Супер Марио ја заврши мисијата

Супер Марио - најмоќниот човек во Европа

Италијанскиот претседател Матарела, по оставката на премиерот Џузепе Конте, раководењето со владата му го понуди на Марио Драги, кој инаку досега не извршувал политичка функција во Италија. Драги прво тоа го прифати со задршка. Шефот на државата бараше влада „со висок профил“, кој ќе ја извади Италија од кризата со корона-пандемијата. Досегашната влада на Италија се распадна пред четири недели, по судирот околу употребата на средствата од ЕУ-помошта за корона-кризата.