Британскиот парламент на потег за Брегзит – DW – 20.12.2019
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британскиот парламент на потег за Брегзит

Барбара Везел/ агенции
20 декември 2019

Долниот дом на британскиот парламент денеска заседава за договорот за Брегзит, кој премиерот Борис Џонсон го постигна со ЕУ. Владата планира договорот да биде ратификуван до 9 јануари идната година.

https://p.dw.com/p/3V7xW
Großbritannien Parlamentseröffnung in London durch die Queen | Johnson & Corbyn
Фотографија: Reuters/K. Wigglesworth

Претседавачот со Долниот дом, Џејкоб Рис-Мог изјави дека владата планира сите потребни закони да ги помине низ парламентот до 9 јануари. Борис Џонсон планира да ја поведе Велика Британија надвор од ЕУ до 31. јануари.

Британската кралица Елизабета Втора вчера вторпат читаше владина изјава на Борис Џонсон. Во делови, неизбежно беше повторување. За Џонсон пак сега сѐ е поинаку, сега располага со парламентарно мнозинство и добри изгледи во парламентот да ги протурка планираните триесетина закони. По две години блокада под Тереза Меј, премиерот најавува бура активности.

Брегзит почеток на крајот

Велика Британија сега незапирливо маршира кон Брегзит, планиран за 31 јануари идната година. Премиерот предвидува излегувањето од ЕУ да биде прилично „тврдо“: во законот за Брегзит тој додаде клаузула според која би било нелегално в лето идната година да се бара продолжување на преодниот рок предвиден до крајот на 2020 година. Мерката е симболична, заштов по потреба, тој може да го смени законот, но сепак си ги врзува рацете и истовремено се обидува да ја уценува ЕУ со вештачки создаден временски притисок. 

Брисел веќе реагираше: за само единаесет преостанати месеци за разговори околу договор со Велика Британија, можно е само постигнување трговски договор кој би се однесувал на најосновното. Зашто, доколку британската страна не се согласи со барањето на ЕУ за зачувување на европските правила и закони, останува еден вид минимално решение. Тогаш би дошло единствено до договор за бесцаринско одвивање на трговија со стоки, сѐ друго, почнувајќи од услужни дејности преку финанискиот пазар, авионскиот сообраќај и соработката, на пример во безбедноста и науката, мора да биде преговарано чекор по чекор, почнувајќи од 2021 година.

Großbritannien London | Erste Parlamentssitzung nach Unterhauswahl
Британскиот премиер сега располага со комотно мнозинство во Долниот дом на парламентотФотографија: picture-alliance/empics/House of Commons

Златна ера

Јасно е дека Борис Џонсон од доаѓањето на функцијата дава предимензионирани ветувања. Тој зборува за „тотална трансформација“ на Велика Британија, имајќи во вид мандат од десет години и планира започнување „нова златна ера“. Во фокусот се зголемени вложувања во нестабилниот здравствен систем од преку 30 милијарди фунти во следните години. Преимерот притоа тврдоглаво повторува конкретни бројки на дополнителни лекари и медицински сестри заради смалување на масивниот недостиг од персонал. И тоа без оглед што експертите за здравство му предочуваат дека не може да најде на улица ниту 50.000 медицински сестри, ни пак илјадници нови лекари. Џонсон на овој начин покажува дека ја научил лекцијата за популизам од Доналд Трамп: нешто мора да се повторува долго, за на крајот да се верува во него.

Планирани се и популарни мерки како построги казни за терористички дела и повеќе пари за полицијата. Но, ветената преобразба на земјата не е можна со неколку инфраструктурни мерки, нови сообраќајници и железнички линии за запоставените земјоделски области. Покрај здравството, акутни, од аспект на граѓаните, се социјални станови, потреба од поголеми вложувања во училиштата и подобра социјална заштита.

Од каде ќе дојдат парите?

Во британскиот буџет се предвидени пет милијарди фунти за дополнителни вложувања. Во меѓувреме се прогнозира нов пораст на долговите од околу 20 милијарди фунти, во што не е воопшто вкалкулирано забавување на економскиот пораст поради Брегзит.

Ако Борис Џонсон сака да одржи барем дел од своите ветувања, тоа ќе значи расчистување со политиката на избалансиран буџет и политика на штедење од последните децении. Кога ќе се распрсне еуфоријата од изборната победа, на Даунинг стрит значи ќе биде потребно правење сметки. Премиерот меѓу другото на око ги има големите издатоци во Министерството за одбрана. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во НАТО постојано ги опоменува партнерите за поголеми вложувања во одбраната, нема многу да се радува на вакви кратења. Иако, владата мора некаде да најде пари доколку сака да има политички маневарски простор. 

Parlamentswahl in Großbritannien
Шкотската преимерка Старџен бара дозвола за втор референдум за независностФотографија: AFP/A. Buchanon

Шкотска сака независност

Шкотската премиерка Никола Старџен внимателно го одбра моментот: додека во Лондон кралицата ја читаше владината изјава на Борис Џонсон, Старџен му испрати официјално писмо на премиерот во кое го замлува за дозвола за одржување нов референдум за независност. Нејзината агрументација – околностите од последното шкотско народно изјаснување во 2014 година се променети, зашто Шкотите сега против нивна желба се принудени да ја напуштат ЕУ. Големо мнозинство во Шкотска пред три години гласаше против Брегзит, а за останување во ЕУ.

Повеќе:

Ширум отворен пат за Брегзит

Борис Џонсон: „Не“ за референдум за независност на Шкотска

Борис победи, Велика Британија загуби

Со тоа за Борис Џонсон се отвора нов фронт, кој противниците на Брегзит постојано му го предвидуваа. Излегувањето од ЕУ го слабее заедништвото во Обединетото Кралство, кое одеднаш не се чини толку единствено. И во Северна Ирска одеднаш националистите се пред унионистите, ДУП загуби гласови. Премиерот истакна дека ќе направи сѐ за зачувување на единството на земјата. Но, отпорот и протестот на Шкотите, кој на националистичката СНП ѝ донесе убедлива победа, во идните години ќе бидат постојан предизвик и ќе ѝ го отежнуваат животот на владата во Лондон.